Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Врбас изјави дека државните органи ќе реагираат на „мешањето на важна земја“ во изборниот процес во Србија, што според него е направено „на најбрутален начин досега“.
На новинарско прашање што се обидува да направи Германија во Србија, со оглед на „агресивната реторика“ на германските европратеници и наводите дека Берлин врши притисок врз другите членки на ЕУ да побараат повторување на изборите во Белград, Вучиќ рече дека државните органи на Србија „изготвуваат важен документ за напливот и мешањето на важна земја“ во изборниот процес во Србија.
– Верувам дека ќе биде готов за десет дена, до Нова година, а потоа пред православниот Божиќ ќе можеме да го испратиме до целиот свет за да видат како се врши ваков вид мешање во процеси кои суверено треба да и припаѓаат на една независна држава, рече Вучиќ
Тој додаде дека тоа нема да влијае на завршувањето на изборниот процес во Србија. – Нашите избори ќе бидат завршени согласно процедурите, парламентарните избори до 30 декември, а градските избори можеби малку подоцна, појасни српскиот претседател.
Министерството за надворешни работи на Германија на 18 декември објави дека во земја со статус на кандидат за членство во Европската Унија, неприфатливи се злоупотреба на јавни ресурси, заплашување гласачи и купување гласови, како што воочиле меѓународните набљудувачи во Србија, потсетува Бета.
„Србија гласаше, но Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) пријави злоупотреба на јавни ресурси, заплашување гласачи и случаи на купување гласови. Ова е неприфатливо за земја со статус на кандидат за членство во ЕУ“, објави неодамна германското Министерство за надворешни работи на платформа Х.
Неколку часа претходно, претставници на меѓународните набљудувачки мисии во Белград изјавија дека гласачите на изборите во Србија на 17 декември можат да избираат меѓу алтернативните политички опции, но дека овој избор е „нарушен поради огромната предност на владејачката партија“.
Претставниците на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), на Парламентарното собрание на ОБСЕ, на Парламентарното собрание на Советот на Европа и на Европскиот парламент, меѓу другото, рекоа дека за време на изборниот процес во Србија, забележале злоупотреба на јавните ресурси, заплашување и притисок врз гласачите, вклучително и купување гласови.