Вучиќ и Бајрамов разговараа за економската соработка и инфраструктурните проекти

 – Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денес го прими министерот за надворешни работи на Република Азербејџан, Џејхун Бајрамов.

Како што соопшти Службата за соработка со медиумите, претседателот на Србија, Вучиќ, и Бајрамов со задоволство констатирале дека билатералните односи се на многу високо ниво, втемелени на традиционално пријателски врски, меѓусебна доверба и приврзаност кон почитувањето на основните принципи на меѓународното право.

„Претседателот Вучиќ изрази посебна благодарност за недвосмислениот став на Република Азербејџан по прашањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Србија“, се наведува во соопштението.

Пренесувајќи ги поздравите на претседателот Илхам Алиев, Бајрамов ја изрази својата почит за независната надворешна политика на Србија, како и за одличните резултати во економијата.

„Во текот на средбата стана збор и за економската соработка меѓу двете земји, за што би придонело и отворањето редовна авиолинија меѓу Белград и Баку“, се наведува во соопштението.

Вучиќ и Бајрамов разговарале и за енергетската ситуација. По тој повод Вучиќ укажал на тоа дека Србија со изградбата на гасната интерконекција со Бугарија, станува дел од Јужниот гасен коридор и дека договорот за купување гас од Азербејџан ќе ѝ помогне да ја осигури својата енергетска безбедност.

Вучиќ изрази надеж дека претседателот Алиев ќе ја посети Србија по повод завршувањето на работите на гасниот интерконектор Србија – Бугарија. Во таа прилика би се одржал и состанок на Советот за стратешко партнерство на Србија и Азербејџан, што би дал нови можности за остварување на клучните заеднички интереси на двете земји.