Вјоса Османи ‘контра’ Албин Курти: “Косово е подготвено да одржи нови избори на северот!“

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во четвртокот изјави дека нејзината земја е подготвена да одржи нови локални избори во немирниот север на земјата, доколку тоа е во согласност со законот.

Ова го изјави Вјоса Османи за новинарите по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и високиот преставник за надворешна политика на Европската унијаЖозеп Борел на самитот во Молдавија.

Разговорите беа дел од меѓународните напори за смирување на кризата во северно Косово, која во понеделникот прерасна во насилни судири во кои беа ранети 30 мировници на НАТО (КФОР) и 52 српски демонстранти.

Емануел Макрон кажа дека Франција и Германија ги повикаа лидерите на Косово и Србија да организираат нови избори што е можно поскоро во регионите погодени од неодамнешните граѓански немири.

Тој додаде дека тој и Олаф Шолц им дале една недела на косовските и српските лидери да одговорат на нивниот предлог.

Она што го побаравме од двете страни е многу едноставно: организирање на нови избори во четирите општини што е можно поскоро, со посветеност на Косово да ги спроведе“, изјавил Емануел Макрон за новинарите.

Тој додаде дека барале српското малцинство да учествува на изборите, како и Косово без одлагање да го реши проблемот со формирање заедница на српски општини.

Претседателите на Србија и Косово упорно тврдат дека сакаат да ја ублажат кризата на северот на Косово, но не покажаа преголема желба да се откажат од своите спротивставени позиции.

Кога пристигнаа на самитот во Молдавија каде се сретнаа повеќе од 40 европски лидери, Александар Вучиќ и Вјоса Османи не се поздравија иако стоеја на само неколку метри еден од друг на црвениот тепих.

Неколку десетици војници на КФОР, силите на меѓународната заедница под раководство на НАТО, беа повредени во понеделник попладне во судир со српски демонстранти во општина Звечан на северот на Косово.

Српските демонстранти, меѓу кои има и неколку десетици повредени, се спротивставија на доаѓањето на градоначалниците Албанци во општините по изборите, кои беа бојкотирани од Србите.