Гаши-Ангелов: Потребно е да се унапредува климата на односите и соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска остварил средба со амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов, на која се разговарало за односите меѓу двете земји и за можностите за унапредување на соработката на сите полиња, соопшти собраниската прес-служба.

Амбасадорот Ангелов на средбата се осврнал на претстојните парламентарни избори во Бугарија, како и на изборите за Европскиот парламент. Тој изразил уверување дека новоизбраните парламенти во Северна Македонија и во Бугарија ќе воспостават добра и интензивна комуникација, посебно преку парламентарните групи за соработка.

Двајцата соговорници се согласиле дека е потребно постојано да се унапредува климата на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, како соседни земји кои се упатени на постојана соработка.

Соговорниците, исто така, размениле мислења и за соработката меѓу двете земји во рамките на НАТО, како и за ЕУ-перспективите на нашата земја во наредниот период.