Гаши вели дека државата комуницира само на македонски јазик, ДУИ го обвини дека ги понижува Албанците
Денеска продолжија обвинувањата на ДУИ кон претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој рече дека македонскиот јазик е единствениот јазик со кој државата комуницира и дека албанскиот јазик во Македонија е преведен јазик.
„Го прашуваме Африм Гаши дали беше намерен чин да се негира важноста на албанскиот јазик или погрешното верување дека албанскиот е само јазик кој се преведува, причината зошто ја шокиравте делегацијата на Парламентот на Албанија за време на нивната посета на Скопје? Зошто кога ви се обратија на ваш мајчин јазик, решивте да одговорите и да го водите целиот разговор на македонски јазик, со преведувач на албански? Ова не е само протоколарен пропуст, туку отворено негирање на националниот идентитет и понижување за сите Албанци“, велат од ДУИ.
Претходно, Гаши изјави дека единствениот службен јазик на кој државата комуницира, а институциите меѓусебно зборуваат е македонскиот јазик. И неговиот наследник на лидерското место во Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, напиша дека албанскиот јазик во РСМ не е официјален.
„Сите што мислат поинаку или не ја разбираат придавка „официјален“ или не го разбираат албанскиот јазик. Затоа, секој што мисли дека има аргументи, го предизвикувам во која било емисија и во која било дебата да разговараме на оваа тема. Северна Македонија е еднојазична држава, каде албанскиот јазик има напреден статус. Јазикот на заедницата која во преамбулата на Уставот е дефинирана како малцинство не може да биде официјален“, вели Ибрахими.