Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе ги распише осмите локални избори од независноста на Македонија во сабота, 9 август, потврдија од Собранието за „Слободен печат“.
Првиот круг од трката за градоначалник и советник ќе се одржи на 19 октомври, додека вториот круг ќе биде на 2 ноември во општините за кои нема да се изберат градоначалници во првиот круг. Кампањата за локалните избори ќе започне 20 дена пред изборниот молк, односно на 28 септември.
Според претходната пракса, во тој период се очекува Собранието да не одржува пленарни и комисиски седници, за да не се злоупотребува парламентарната платформа од партиите за изборни кампањи.
Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги утврди најважните рокови за изборните дејствија на јавна седница на истиот ден кога се распишани изборите, односно на 9 август.
Болните, инвалидите и затворениците ќе гласаат еден ден пред изборите, на 18 октомври. Партиите, кандидатите за градоначалник и советници мора да се регистрираат во Општинските изборни комисии најдоцна 35 дена пред изборите.