На Љубчо Георгиевски не му е јасно зошто се прави драма со македонскиот свештеник кој беше протеран од Косово, тој бил во служба на српската политика

Косовските власти во текот на оваа недела го протераа свештеникот Фотије, игуменот на манастирот Звечан, кој е Александар Костовски со државјанство на Македонија.

На оваа вест се огласија и македонските медиуми кои поттикнаа реакции дека депортацијата е неаргументирана и неправедна, пренесува ИНА.

Но, ова го коментираше и поранешниот премиер на Македонија и актуелен лидер на партијата ВМРО-Народна, Лубчо Георгиевски.

„Македонските медиуми денеска придаваат големо значење на депортацијата на Александер Костовски од страна на косовските власти. Не разбирам за што е драмата?! Дали сме навредени од политиката на Косово или од Александар кој се откажа од својот верски и најверојатно македонски национален идентитет и се стави во служба на српската политика на Косово?“, коментира Георгиевски.

Свештеникот Фотије, чие име е Александар Костовски, е роден во Скопје во 1981 година, а по завршувањето на музичката академија во Софија, Бугарија, во 2004 година се замонаши во Косово во Епархијата на Српската православна црква, по што во 2009 г. станал игумен на манастирот кај Звечан, на северот на Косово.

Информациите се дека тој е депортиран откако поднел барање за продолжување на престојот во Косово. Службите во Приштина го запреле и наведувајќи „причини за национална безбедност“ решиле да го депортираат.

Српската црква обвинува дека косовските власти не го почитувале Законот за верски слободи и незаконски и самоволно го протерале нивниот свештеник.

Свештеникот синоќа со полициска придружба беше депортиран на преминот „Блаце“ и доби 5 години забрана за влез во Косово.