Германец и Албанка осомничени за трговија со дрога

 Германски државјанин на возраст од 49 години и 20-годишна државјанка на Албанија се осомничени дека како соизвршители го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.

– Основното јавно обвинителство – Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка, бидејќи на 18 јуни на граничниот премин „Деве Баир“ на излез од државава, двајцата осомничени неовластено заради продажба пpенесувале наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 56 килограми и 791 грама. Дрогата ја набавиле од неидентификувано лице од Република Албанија, ја препакувале во 67 полиетиленски пакувања и ги сокриле во специјално изработени „бункери“ во автомобил „Сеат Алтеа“ со германски регистарски ознаки, се појаснува во соопштението на Обвинителството.

При царинска контрола на возилото на граничниот премин, марихуаната била пронајдена под возачкото седиште, над ауспухот, под задното седиште, од левата страна до резервоарот и во пределот на багажникот.

До судијата на претходна постапка од Основен суд Куманово, јавниот обвинител поднел предлог за определување мерка притвор против двајцата осомничени, бидејќи постои опасност да се дадат во бегство или да го повторат делото.