– Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ја поздрави намерата на Кина да претстави мировна иницијатива за ставање крај на војната во Украина, но отфрли какви било територијални отстапки за Русија.
Праведен мир претпоставува „оној што го нарушил територијалниот интегритет, имено Русија, да ги повлече своите трупи од окупираната земја“, рече Баербок денеска на Минхенската безбедносна конференција.
– Светскиот мир се заснова токму на фактот дека сите ние го признаваме територијалниот интегритет и суверенитет на секоја земја, додаде таа.
Ставот на Германија е дека без целосно повлекување на сите руски трупи од Украина, нема шанси за крај на речиси едногодишниот конфликт. Сите барања за завршување на војната со отстапување територии на Русија се неприфатливи, рече Баербок: „Тоа би значело претворање на луѓето во руски плен. Ние нема да го направиме тоа“, нагласи таа.
Повторувајќи ги коментарите дадени на конференцијата од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германската министерка истакна дека рускиот претседател Владимир Путин не треба да биде награден за неговата инвазија врз Украина со цел да се одвратат имитаторите.
Столтенберг конкретно ја именуваше Кина, велејќи дека Пекинг внимателно го следи исходот од војната во Украина додека ги оценува сопствените планови во „својот дел од светот“. Се зголемува загриженоста дека руската победа во Украина ќе ја охрабри Кина да употреби воена сила во нејзината долгогодишна територијална претензија кон Тајван, потсетува ДПА.
Претходно во Минхен, највисокиот кинески претставник за надворешна политика Ванг Ји рече дека Пекинг наскоро ќе претстави мировен план, но не понуди детали или распоред. Тој по конференцијата ќе отпатува директно за Москва.
На прашањето какви шанси дава таа на таква кинеска иницијатива за мир, Баербок рече: „Ако работите за мир цела година, мора да ја искористите секоја шанса за мир“.