Германија и Украина ќе потпишат договор за „безбедносни гаранции“

– Германија и Украина денес ќе потпишат билатерален договор за безбедност, изјави портпаролот на германската Влада.

Договорот за безбедност ќе биде потпишан во Берлин, по средбата на германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Владимир Зеленски.

„Канцеларот Олаф Шолц ќе биде домаќин на претседателот Владимир Зеленски во Федералната канцеларија. Како дел од разговорите, ќе биде потпишан билатерален договор за безбедносни гаранции и долгорочна поддршка за Украина“, се вели во соопштението на портпаролот.

Посетата на Зеленски се случи во време на зголемена загриженост во Киев за одржливоста на американската воена поддршка за Украина за време на изборната година.

Во последните недели, Зеленски апелираше до европските сојузници за поголема поддршка и предупреди дека украинската Армија се соочува со критичен недостиг на муниција, особено артилериски гранати.

Германија во моментов е вториот најголем снабдувач на оружје за Украина по САД.