– Германија повика на „поактивна“ улога на Кина во ставањето крај на руско-украинската војна, а канцеларот Олаф Шолц утре заминува во тридневна посета на Кина на разговори со кинескиот претседател Си Ѓинпинг и премиерот Ли Кианг.
„Се надеваме дека Кина поактивно ќе се вклучи во напорите за ставање крај на војната и ќе влијае на Русија во овој поглед“, изјави висок извор од Кабинетот, кој сакаше да остане анонимен, пред претставниците на медиумите во Берлин.
Она што го очекуваме е „проактивна поддршка на Кина за сите дипломатски напори за ставање крај на војната и повлекување на руските трупи“, повтори тој.
Службеникот на Кабинетот повторно јасно стави до знаење дека руската војна во Украина го прекршила меѓународното право и влијае на германските и европските „суштински интереси“.
Шолц, исто така, на средбата со кинеското раководство на 16 април планира да дискутира за војната во Украина, вклучително и за веројатната посредничка улога на Пекинг меѓу Москва и Киев, изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрајт минатата недела.
„Верувам дека Кина има влијание врз Русија и нашата желба би била Кина да го искористи влијанието што го има врз Русија за да придонесе за помирен развој во украинскиот конфликт“, рече тој.
Кина долго време се обидува да најде решение за руската војна против Украина.
Украинските лидери и официјални претставници во Киев на состанокот со кинескиот специјален пратеник Ли Хуи во март повторно побараа поддршка за решение.
Кина се смета за близок сојузник на Русија и ја нагласува неутралноста во конфликтот. Пекинг предложи мировен план, кој беше критикуван од страна на Киев.
Украина инсистира на тоа дека ќе се спроведе само планот на претседателот Владимир Зеленски. Фокусната точка на дејствијата на Зеленски е барањето за повлекување на руските трупи од сите окупирани области на Украина.
Москва го отфрла планот на Зеленски како „нереален“.