Илјадници продавници во Германија засекогаш ќе ги затворат вратите поради зголемените оперативни трошоци и падот на куповната моќ на потрошувачите, од кои 9.000 само оваа година.
Без успешни продавници, центрите на градовите немаат многу перспектива во иднина, предупреди германското здружение на трговци HDE, како што пренесуваат локалните медиуми.
Бројот на продавници за малопродажба во најголемата европска економија е во опаѓање со години, а за време на пандемијата на коронавирус, трендот на нивно затворање се забрза бидејќи потрошувачите купуваа онлајн.
Секоја година во периодот од 2020 до 2022 година 11.000 физички продавници трајно ги затворале вратите. Помеѓу 2015 и 2019 година, на годишно ниво, во просек затворени се приближно 5.000 продавници. HDE предвидува дека уште 9.000 продавници ќе се затворат во 2023 година.
Кога ќе се издвојат микро продавниците, низ цела Германија работат 311.000 продавници , а за споредба, во 2015 година ги имало 373.000, според податоците на тоа здружение.
– Со оглед на бројките од последните неколку години, треба да бијат сите ѕвона, а тие бијат во сите центри на градовите и меѓу политичарите. Без успешни продавници за малопродажба, центрите на градовите немаат многу перспектива во иднина – предупреди претседателот на ХДЕ, Александар фон Преен.
Тој додаде дека состојбата со трошоците и куповната моќ најмногу ги погодува помалку специјализираните продавници, како што се модните бутици, продавниците за чевли и пекарниците. Во исто време, многу големи трговски синџири ја намалуваат својата мрежа на продавници.
Зголемениот број на празни деловни простории во многу градови и центри ги прави помалку атрактивни и го загрозува здравјето на преостанатите претприемачи, предупреди Прен.
Со цел да се забави затворањето на продавниците, фон Преен наведува дека „небирократските и брзи процеси за одобрување на конверзии и менување зони треба да бидат на врвот на владината приоритетна листа“.
– Ако умира малопродажниот сектор, умира и градот – рече фон Преен.