Германија ќе гласа за излез од ЕУ ако АфД дојде на власт?

Вајдел најавува излегување на Германија од ЕУ доколку АфД дојде на власт

Претседателката на Алтернатива за Германија ( АфД ), Алиса Вајдел денеска изјави дека, доколку таа партија дојде на власт, ќе се заложи за референдум за членство во Европската унија, по моделот на Брегзит.

„Тоа е модел за Германија“, изјави Вајдел за „Фајненшл тајмс“.

Таа додаде дека АфД ќе се обиде да ја реформира Европската унија и да го отстрани нејзиниот „демократски дефицит“, вклучително и ограничување на овластувањата на Европската комисија, за која вели дека претставува „неизбрана извршна власт“.

„Меѓутоа, ако реформите не се можни, ако не успееме да го вратиме суверенитетот на земјите-членки на ЕУ, треба да го оставиме народот да одлучи, исто како што направи Велика Британија. И би можеле да имаме референдум за Дексит – излегување на Германија од ЕУ. – изјави Вајдел.

Германскиот устав поставува строги ограничувања на националните плебисцити, па дури и да се одржат, анкетите покажуваат дека огромното мнозинство Германци би гласале за останување во ЕУ, пишува весникот.