Путин е обвинет за воено злосторство илегална депортација на население (деца) и незаконско префрлање на население (деца).
Министерот за правда на Германија Марко Бушман изјави дека ќе ја изврши налогот за апсење на рускиот претседател Владимир Путин доколку стапне на германска почва, јавува Анадолија.
- Очекувам дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг брзо ќе се обрати до Интерпол како и до државите договорнички и да побара од нив да ја спроведат таа наредба – изјави Бушман за весникот „Билд ам Зонтаг“.
Германија е должна да го уапси Путин доколку тој влезе во земјата
Бушман објасни дека Германија тогаш ќе биде обврзана да му ја одземе слободата на Путин доколку тој влезе на германска територија и да го предаде на Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера, за време на неговата посета на Јапонија, го поздрави налогот против Путин, велејќи дека никој не е над законот.
Во петокот, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за апсење на Путин и неговиот претставник за правата на децата.
Обвинет за воени злосторства
- Денеска, 17 март 2023 година, Предистражниот совет II на Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на две лица во врска со ситуацијата во Украина, г-дин Владимир Владимирович Путин и г-ѓа Марија Алексеевна Лвова-Белова – соопштија од Меѓународиот кривичен суд.
Меѓународниот кривичен суд во Хаг го обвинува Путин дека е одговорен за военото злосторство илегална депортација на населението (децата) и незаконското префрлање на населението (децата) од окупираните територии на Украина во Руската Федерација.
Судот рече дека постојат разумни основи да се верува дека Путин има индивидуална кривична одговорност за горенаведените злосторства.