Германија ќе распореди 4.000 војници кај Калининград: Првиот случај на испраќање бригада на Бундесверот во странска земја

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус потврди дека Германија има намера да распореди 4.000-члена бригада на Бундесверот во Литванија на постојана основа.

„Очекуваме дека бригадата ќе биде формирана на крајот на 2024 година. Тоа е сериозен предизвик, не само за Литванија, туку и за нас. Тоа ќе биде првпат Германија да распореди бригада на Бундесверот во странска земја на постојана основа. Разговараме со нашите литвански пријатели за чекорите што ќе ги преземеме наскоро“, изјави Писториус за естонската државна телевизија ERR.

Сепак, распоредувањето на бригадата во Летонија бара соодветна инфраструктура, истакна германскиот министер.

,,Ни требаат касарни, магацини, полигони за обука, како и цивилна инфраструктура за семејствата на војниците“, објасни тој.

Тој исто така додаде дека германските војници ќе одат во Литванија на доброволна основа.

Писториус најави дека германската влада го разгледува и прашањето за евентуално започнување со производство на муниција во Естонија.

„Ќе треба да утврдиме во која естонска област би можеле да ја прошириме соработката и индустриското производство, но тоа не е прашање на владата, туку на германската одбранбена индустрија, која е приватна, а не државна сопственост“, рече министерот.