Германија ќе ја снабди Украина со ПВО системи и хаубици

На заедничката прес конференција со украинскиот претседател Владимир Зеленски во Берлин, германскиот кнцелар Олаф Шолц најави дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина во нејзината одбрана од рускат агресија

Германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска потпишаа клучен безбедносен договор за нов пакет кој вклучува хаубици и системи за противвоздушна одбрана.

Говорејќи на заедничката прес-конференција во Берлин Шолц подвлече дека безбедносниот договор означува уште еден историски чекор во односите меѓу Берлин и Киев.

„Германија ќе продолжи да ја поддржува независната Украина во нејзината одбрана од руската агресиј, и ние ќе го правиме тоа се додека е потребно“, рече тој, додавајќи дека договорот ќе обезбеди долготрајна воена поддршка на украинските сили.

Шолц, исто така, најави нов пакет воена помош од 1,2 милијарди долари, кој, како што рече, ќе вклучува хаубици, 120.000 парчиња артилериска муниција, два дополнителни системи за противвоздушна одбрана и ракети за системите ИРИС-Т.

Зеленски, се заблагодари на поддршката на Германија и рече дека со договорот што го потпишаа денеска се упатува силна политичка порака кон Русија.

„Ова е многу важен билатерален договор, но не се работи само за новата насока во нашата соработка, туку оди и надвор од тоа. Агресорите, пред да се вклучат во нивните убиствени напади, треба да знаат дека ќе изгубат“, нагласи Зеленски.

Посетата на Зеленски во Берлин доаѓа во време на зголемена загриженост во Киев за одржливоста на американската воена поддршка за Украина, поради изборната година и веројатноста за втор мандат на поранешниот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.

Во последните недели, Зеленски апелираше до европските сојузници за поголема поддршка и предупреди дека украинската армија се соочува со критичен недостиг на муниција, особено артилериски гранати.

Германија во моментов е вториот најголем снабдувач на оружје на Украина по САД.