Германската полиција трага по Русин кој фрлил 10-годишно момче од Украина од мост – причината е многу бизарна

Германската полиција покрена истрага против маж на возраст од околу 40 години, откако тој наводно фрлил 10-годишно момче од Украина од мост затоа што тоа зборувало на неговиот мајчин јазик. Инспекторите се сомневаат дека мажот е Русин и дека нападот бил политички мотивиран, пишува весникот The Telegraph.

Од почетокот на руската инвазија, повеќе од милион украински бегалци пристигнаа во Германија, која неодамна се соочи со зголемен број напади. Мажот, за кој се верува дека е во раните 40-ти години од животот и дека зборува руски, се приближил до група деца кои седеле на мостот во градот Ајнбек во Долна Саксонија и зборувале на украински јазик.

Тој им рекол дека треба да зборуваат руски и дека Украина е таа што ја започнала војната. Потоа мажот повлекол едно девојче за коса, а момчето го фрлил преку пет метри висока ограда на мостот во каналот, велат истражителите, пренесуваат тамошните медиуми. 

Момчето пред да падне во водата, удрил во железните носачи на мостот.

Напаѓачот потоа земал стаклено шише и го удрил момчето во десното рамо додека се уште било во водата, по што побегнал. Останатите деца притрчале да му помогнат на повреденото момче и ги повикале родителите. Во болницата му биле констатирани полесни повреди на левото стапало и главата, но набргу по приемот бил пуштен.

Нападите во Германија ескалираа откако Берлин ја засили воената помош за Украина со потешко оружје и ја отвори вратата за бегалците. Екстремната десница пријателски настроена кон Владимир Путин, како и Русите кои живеат во Германија, го изразија своето незадоволство со се понепријателското однесување кон Украинците.

Во еден од неодамнешните инциденти, украинските студенти во Франкфурт се разбудиле и ја нашле буквата Z, симбол на војната на Владимир Путин, нацртана на вратата од нивниот дом. Други Украинци пријавиле дека ги извадиле сите украински симболи од облеката поради страв да не бидат нападнати.

Се проценува дека во Германија живеат 3,5 милиони етнички Руси, што е најголема популација во западниот свет, освен нив има и Руси со германско потекло и руски Евреи. Милиони луѓе имигрирале таму во 1990-тите години по распадот на Советскиот Сојуз. Иако во повеќето случаи тие се добро интегрирани, некои се осомничени дека негуваат симпатии на Кремљ.

Ова јасно го покажува нивото на омраза кај една од поголемите групи кои живеат во Германија. Многумина се идентификуваат со Русија и Советскиот Сојуз, гледаат руска телевизија и се целосно испрани од руската пропаганда“, вели Сергеј Сумлени, директор на Европскиот центар за отпорност.

Сергеј Сумлени додава дека иако овој напад бил екстремен и неиспровоциран, тој не е исклучок и јасно го покажува нивото на антиукраинизам што владее кај Русите, подготвеноста да мразат, да нанесуваат болка и да убиваат само затоа што друго лице зборува украински.