Германскиот Уставен суд го блокираше буџетот, Шолц најави обраќање

 Германскиот канцелар Олаф Шолц следната недела пред Бундестагот ќе го претстави официјалниот извештај на неговата влада во врска со буџетскиот ќорсокак предизвикан од одлуката на Уставниот суд со која делови од буџетот се прогласени за неуставни.

– Федералната влада е во фаза на интензивни преговори во врска со понатамошното финансирање на важни проекти, рече портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт на редовна прес-конференција на владата.

Шолц, од Социјалдемократската партија на Германија (СПД) следниот вторник ќе се обрати во Бундестагот со владиниот извештај за актуелната ситуација околу блокадата на буџетот. Следната недела, министерот за финансии Кристијан Линднер, од Либерално-демократската партија (ФДП) исто така треба да претстави нацрт на приспособениот буџет за 2024 година.

Овој буџет предвидува замрзнување на уставно дефинираната кочница за задолжување, која беше суспендирана на почетокот на пандемијата на коронавирус и продолжи по избувнувањето на војната во Украина. Според првичните планови, новиот буџет за 2024 година требаше да се финансира без нови заеми, но тоа веќе не е можно по уставната пресуда.

Сегашното замрзнување на буџетот се случи откако Уставниот суд минатата недела делови од долгорочниот буџет прогласи за делумно неуставни.

Како причина беа наведени 60 милијарди евра заеми кои Бундестагот првично ги одобри во борбата против последиците од коронавирусот, а кои откако не беа потрошени, Владата ги префрли во фондот за климатска трансформација од кој треба да се финансираат бројни проекти за адаптација на економијата кон целите за заштита на климата.

Уставниот суд утврди дека овие средства може да се користат само за целите што ги предвидел Бундестагот. Во екот на кризата околу буџетот, аналитичарите гледаат и можност за колапс на владејачката коалиција, со оглед дека ниту една од владините партии не е подготвена да се откаже од своите проекти.