Германците не можат без автомобили, Британците без авиони, Италијанците без локалната храна: Европејците не би се откажале од овие работи заради заштита на планетата

Резултатите од истражувањето покажуваат дека две третини од Германците се подготвени да направат некаква жртва за да ја заштитат планетата од климатските промени.

Истражувањето, спроведено од YouGov во име на весникот Welt am Sonntag, откри на што луѓето се и не се подготвени да се откажат за доброто на планетата. Дури 43 отсто од испитаниците се изјасниле дека би биле подготвени за поретко воздушно патување, а 40 отсто дека помалку ќе користат греење во домовите.

Но, кога станува збор за други избори погодни за климата, Германците не беа толку подготвени.

Помалку од една третина би биле подготвени да го променат начинот на исхрана, а само 13 отсто би се откажале од приватен превоз, односно од автомобил.

Низ ЕУ, промените во животниот стил што луѓето се подготвени да ги направат како одговор на климатските промени варираат. Речиси 80 отсто од луѓето во 27-те земји-членки на ЕУ ги чувствуваат ефектите од климатските промени во нивниот секојдневен живот, покажуваат резултатите од истражувањето на Европската инвестициска банка за 2022/23 година.

Повеќе од 80 отсто сметаат дека доколку драстично не ја намалиме потрошувачката на енергија и стоки во наредните години, одиме кон глобална катастрофа.

Каде во Европа луѓето се најподготвени да се откажат и какви промени во животот би сакале да направат?

Французите се подготвени да го ограничат месото и млечните производи

Истражувањето на ЕИБ покажа дека мнозинството Французи (57 проценти) се за буџетскиот систем кога станува збор за јаглеродниот отпечаток. Ова би значело дека на секое лице ќе му бидат доделени фиксен број кредити за трошење на предмети со голем јаглерод, како што се, на пример, авионски летови или купување месо.

Храната исто така беше важна тема за Французите. Шест од 10 изјавиле дека ќе платат малку повеќе за храна која се произведува локално и е одржлива. Мнозинството (57 проценти) беа за ограничување на количината на месо и млечни производи што луѓето може да ги купуваат.

Генерално, народот на Франција верува дека владата има улога во регулирањето на изборот на луѓето. Две третини беа за построги мерки за промена на однесувањето на луѓето во борбата против климатските промени.

Британците се против пластиката за еднократна употреба

Анкетата на YouGov спроведена во Велика Британија на почетокот на оваа година покажа дека 36 отсто од испитаниците би биле подготвени да ја ограничат својата потрошувачка на млечни производи и месо на два или три оброци неделно. Само 12 отсто би биле за целосно исфрлање на месото и млечните производи од нивната исхрана.

Речиси 60 отсто рекле дека би биле подготвени никогаш повеќе да не купуваат производи направени од пластика за еднократна употреба.

Малку повеќе луѓе отколку во Германија беа подготвени да се откажат од своите автомобили и ги заменат со возење велосипед или јавен превоз. Дури 20 отсто од луѓето рекле дека ќе направат промена, а 14 отсто рекле дека веќе прават нешто околу тоа.

Сепак, Британците беа помалку заинтересирани за промена на навиките за патување. Само четвртина од луѓето изјавиле дека ќе платат дополнителен надомест при купување на авионски билет за да се компензира за влијанието на авионот врз животната средина.

Шпанците се за построги владини мерки

Шпанија е земја на ЕУ која ќе биде тешко погодена од климатските промени. Веќе ги трпи последиците од продолжената суша, при што некои региони го ограничуваат пристапот на жителите до вода бидејќи акумулациите се cушат.

Но, неодамнешното истражување на шпанската фондација за наука и технологија покажа дека процентот на луѓе кои веруваат дека климатските промени се многу сериозен проблем е намален од 2020 година.

И покрај ова, истражувањето на ЕИБ покажа дека Шпанија е една од земјите со најголема поддршка за построги владини мерки за промена на однесувањето на луѓето. Дури 80 отсто од испитаниците веруваат дека нивното сопствено однесување може да направи разлика, наспроти просечните 72 отсто во остатокот од Европа.

Истражувањето од 2021 година на Универзитетот во Сантијаго де Компостела покажа зголемена јавна поддршка за субвенционирање на изолацијата на домот, воведување зони со ниска емисија во градовите и ограничување на употребата на возила што загадуваат.

Италијанците ce за означување на прехранбените производи

Италијанците исто така ce над просекот на ЕУ за поддршка на построги владини мерки за промена на однесувањето на луѓето.

Означувањето на прехранбените производи за да се истакне нивната одржливост беше идеја поддржана од 85 отсто од италијанските испитаници во истражувањето на ЕИБ. Шеесет и четири проценти од луѓето исто така рекоа дека би биле подготвени да платат малку повеќе за локална храна.

Покрај тоа, над две третини од Италијанците беа за ограничување на количината на месо и млечни производи што луѓето можат да ги купат, со цел да се намалат емисиите на штетни гасови.