Гир: Вклучувањето на Ромите е важен индикатор за тоа колку ЕУ и Северна Македонија се успешни во обединувањето на различностите

 Вклучувањето на Ромите во целокупното општество е навистина важен индикатор за тоа колку ние како Европска Унија и Северна Македонија како земја, која преговара за влез во ЕУ, сме успешни во обединувањето на различностите. Да покажеме дека сите сме на вистинскиот пат, Унијата ве поддржува на овој пат и соработува со властите, со самата ромска заедница и со општеството и пошироко, порача евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир на Конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“.

На конференцијата свое обраќање имаа и претседателот Стево Пендаровски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, министерот за здравство Фатмир Меџити, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски. 

-Во текот на изминатите години многу се направи ширум Европа за да се заштити културата на Ромите, јазикот и почитувањето на основните права на Ромите. Како и да е, сиромаштијата, дискриминацијата и ексклузијата што историски влијаеја врз Ромите се уште се видливи низ земјите во Европа, во Европската Унија но и пошироко, вклучувајќи ги и земјите што водат преговори, како што е ситуацијата и овде, рече Гир.

Посочи дека ЕУ препознава многу тешкотии и дискриминација во поглед на економскиот живот со којшто се соочуваат Ромите но Унијата и презема чекори за да се реши ова, вклучително и финансиска помош, како и програмите што се спроведуваат, во рамки на ЕУ но и надвор. 

Тој нагласи дека е потребно да се стави фокус на прашањата како што се недискриминација, сместување, право на образование, право на работа, граѓански организации и при тоа треба да се премине од иницијативи на ЕУ и конференции кон конкретни чекори.

-За да се реши ова прашање потребна е акција од ЕУ, но исто така и од сите партнери за да се унапредат човековите и општествените права и да се сузбие нееднаквоста, да се тргнат предрасудите, да се прифати разноликоста како предност. Затоа Стратегијата за проширување на ЕУ бара сите земји да подготват стратегии, национални акции и акциски планови за вклучување на Ромите, како што е случај со вашата земја, рече Гир.

Тој истакна дека Европската Комисија ја фокусира својата поддршка на еднаквост, вклучување и учество, образование, вработување, здравствени услуги и сместување на Ромите со препораки како за земјите-членки така и за земјите што сакаат да станат членки и сето тоа поддржано со практични чекори исто теренски акции.

-Во поглед на состојбата во Северна Македонија, ЕУ дава значителна поддршка за стратегијата за вклучување на Ромите што Владата ја усвои во 2022 година. Тоа е документ што доби внимание, но предизвиците што ги спомена и претседателот Пендаровски велат дека треба да се осигура дека оваа стратегија се применува во пракса, а сето тоа бара, како што рече, политичка волја, координација, партнерство и секако да се потврди дека има финансиски средства и ресурси за сето тоа да може да се спроведе, кажа Гир на Конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“.