Гир: Доколку се имплементираат препораките на ОЛАФ, парите за „Еразмус плус“ ќе бидат достапни

Откако Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ побара Македонија да врати 2,2 милиони евра европски пари кои и биле дадени на земјава, а потоа злоупотребени во програмата „Еразмус плус“, амбасадорот на Европската унија во земјава, Дејвид Гир, денеска нагласи дека ЕУ очекува Националната агенција да ги спроведе препораките дадени од ОЛАФ за „Еразмус плус“.

„Во согласност со стандардните процедури, не ги коментираме одлуките донесени од ОЛАФ. Тоа е истражно тело на Европската унија за борба против измами. Очекувам Националната агенција за „Еразмус плус“ во Македонија да ги спроведе сите препораки дадени од ОЛАФ.

Продолжуваме да имаме верба во Агенцијата за „Еразмус Пус“, што значи дека сме убедени дека издвоениот буџет за „Еразмус плус“ нема да се намали.

Програмата ќе биде во корист на учениците, студентите, младите и универзитетите“, рече Гир.