Речиси една година по големата руската инвазија врз Украина, руските пропагандни наративи постојано се менуваа, исто како што и наведените цели на војната се сменија од „реакција на проширувањето на НАТО“ и „денацификација на Украина“ во „спречување на Трета светска војна“ и „заштита на рускиот народ од антируската коалиција“.
Руската војна со информации апелира на ирационалното: страв, паника и фрустрација. Во преден план беа руските идеи за „сила“, „величина“, „непобедливост“ и месијанизмот, кои беа искористени за да се убеди глобалната заедница (и самите Руси) дека победата на Русија е единствениот можен исход на руско-украинската војна. Еве ја листата со клучни дезинформациски наративи користени од Кремљ во обид да ја оправда и распламти војната.
Сеење сомнеж
По 24 февруари руската пропаганда се обидуваше да ги убеди и Украинците и западните партнери да се сомневаат во успешноста на снабдувањето со оружје за Украина. Бидејќи идејата за „голема и непобедлива Русија“ се покажа дека е многу преценета, сомневањето во секој успех на украинската војска стана важен посреден чекор кон клучниот руски наратив: „Украина не може да победи во војната“. Ова е главниот аргумент што го користи Кремљ за да го поткопа снабдувањето со оружје за Украина и за да ги натера западните влади да го поттикнат Киев да „бара компромис“ со државата агресор.
Една од целите на таквата дезинформациска стратегија е да се поткопа довербата на Украинците во западните партнери и обратно, како и да се сее безнадежност кон земјите од ЕУ. Тоа е исто така комбинирано со традиционалниот пропаганден наратив за надворешното владеење со Украина. На тој начин, Русија ја прикажува капитулацијата на Украина како единственото можно сценарио на војната, за кое веќе одлучиле нејзините „Западни куратори“, кои ќе ја „присилат Украина да направи отстапки кон Русија“.
Друг постојан руски наратив е за „црниот пазар за оружје во Украина“. И покрај тоа што западните партнери постојано го дебанкираат, овој наратив сè уште активно се користи за зајакнување на стариот наратив за Украина дека е „премногу корумпирана“ за да се придружи кон ЕУ. Овој наратив беше дополнет и со масовни дезинформациски кампањи на социјалните мрежи, сосредоточени на демонизирање и дискредитирање како „крадци“ и „измамници“, на украинските волонтери и добротворни фондации кои собираат средства за обезбедување воена опрема за армијата.
Друг инструмент за поттикнување сомнежи беше претставувањето на антируските санкции како „поштетни за Европа отколку за Русија“. Меѓутоа, ужасните приказни за „замрзнување на Европа“ се покажаа како многу преценети бидејќи Европа успеа да се справи со зависноста од евтината руска енергија. Затоа, наративот се трансформира во помалку заканувачки – „антируските санкции не ѝ штетат на Русија“.
Класичниот наратив дека „Западот се умори од Украина“ подоцна беше комбиниран со наративот за „крајот на популарноста“ на украинскиот претседател, кој исто така настојуваше да го деморализира украинското општество и да му ја наметне идејата за „неизбежноста“ на компромиси со Русија.
Ширејќи ја пак пораката дека руско-украинската војна е профитабилна само за воените корпорации во Британија и САД, руската пропаганда ги прикажува и Украинците и Русите како „жртви на политичкиот прагматизам“. Ваквите идеи се продолжение на класичните наративи за „демонскиот Запад“ како и „надворешното владеење со Украина“.
Техниката на „сеење сомнеж“ се користи за да се поткопа верувањето на Украинците во поддршката од Западот. Претставувајќи ги Западњаците како „уморни од војната и од бегалците од Украина“, преку ботови и мрежа на анонимни Телеграм канали, Кремљ се обидува да ги убеди Украинците дека се напуштени не само од нивната сопствена земја туку и од нивните западни партнери, туркајќи ги во очај и деморализација.
Дестабилизирање на односите на Украина со соседните земји
Додека Белорусија останува ко-агресор во руско-украинската војна, стабилноста и партнерството со другите соседни земји се уште еден важен фактор за победата на Украина – и токму тоа е она што Русија се обидува да го подрие. Кремљ не е задоволен од тоа што Полска е верен сојузник на Украина, па почна да го оживува класичниот наратив дека Полска „се подготвува да ја окупира украинската Галиција“ (историски регион на западот на Украина), која беше дел од Полска пред да стане дел од Советската Социјалистичка Република Украина.
И покрај тоа што односите меѓу Полска и Украина традиционално беа исполнети со тензии засновани на историски основи, силната поддршка на Полска за време на големата Руска инвазија ги обедини двете држави во борба против заедничкиот непријател.
Сепак, руската пропаганда не престанува да го користи наративот за „полската инвазија“. Тој беше систематски користен за да се уништат билатералните односи помеѓу Киев и Варшава од 2014 година и се ширеше главно преку ботови на социјалните мрежи и вклучуваше повеќе аспекти: прикажување на Полјаците како „презаситени“ од украинските бегалци, прикажување на украинските бегалци како „неблагодарни“ и потпалување на митот за „полскиот ревизионизам“.
Крајната цел на ваквите „фејкови“ е да се создаде слика за Украина како непријателски настроена кон Полска, да се демотивираат полските граѓани да не им помагаат на Украинците и, следствено, да сее раздор. За да го подрие полско-украинското партнерство, руската пропаганда не се откажуваше ни од најапсурдните „фејкови“, како оние за полските земјоделци кои „масовно купуваат украинско земјиште по ниски цени“ и „мобилизација на украинските мажи во Полска за насилно испраќање да се борат во Украина“.
Слични стратегии се користеа за влошување на односите помеѓу Украина и Унгарија. Во овој случај, учинокот беше зајакнат со тоа што Унгарија лобира за руските интереси во Европа и систематски ја блокира воената помош од ЕУ за Украина. Тоа е исто така дополнето со ревизионистичката реторика на Виктор Орбан, која е вкоренета во идејата за „Голема Унгарија“ (држава со граници што ги имаше пред Тријанонскиот договор во 1920 година) што ја загрижува не само Украина, туку и Романија, Словачка, Хрватска и Србија.
Имајќи го предвид ова, руските „фејкови“ за Унгарија која што се подготвува да ги окупира Заткарпатите (најзападниот регион на Украина што се граничи со Унгарија) изгледаат помалку апсурдни.
Пресликување на вината
Префрлањето на вината врз Украина е традиционална практика на руската хибридна војна и ги вклучува сите проблеми предизвикани од руската инвазија: од глобалната криза со храна до ракетните напади врз цивилната инфраструктура на Украина. Промовирајќи ги пораките дека „Европа не може да се справи со глобалната миграциска криза“, која, пак, е предизвикана од кризата со храна, Русија ја користи својата класична реторика за обвинување на жртвата и ја претставува Украина како единствено одговорна за војната, споредувајќи ги Украински војници со „терористи“.
Има само еден официјален став за руските воени злосторства: префрлање на одговорноста врз Украина. Ова се случи по масакрот во Буча, кој руските пропагандисти го нарекоа „инсцениран од британските служби за безбедност“. Ова се случи по окупацијата на украинските градови и села кога руската пропаганда ги обвини украинските вооружени сили дека „пукаат врз цивили“ за да ја „обвинат Русија“. Ова беше случај секогаш кога руската армија напаѓаше украински станбени згради, училишта и градинки, породилишта и цивилна инфраструктура. Секој цивилен објект нападнат од Русите, руската пропаганда го претвораше во „воен објект на НАТО“ или во „нацистичка база“.
Лажните вести за „украинските нуклеарни и хемиски провокации“ беа користени по секое руско гранатирање, со цел да се преврти наопаку реалноста, ако не за светот кој ја набљудува војната онлајн, барем за руската публика, како инструмент за оправдување на војната и масовна мобилизација.
Демонизација на Украинците
Бидејќи „борбата со нацизмот“ беше една од државните цели во руската инвазија врз Украина, руската пропаганда прави сѐ за да му ја „продаде“ идејата за „украинскиот нацизам“ на Западниот свет. Ако претходно овој наратив ја таргетираше само војската, сега ги опфаќа и украинските цивили, главно бегалците како најранлива група. Еден од најилустративните примери беше ширењето на „фејкови“ за „украинските нацистички бегалци во Германија“. Ширејќи манипулации за „неприфатливото однесување на Украинците во странство“, руската пропаганда ги насочи таквите наративи кон државата со силно трауматично искуство, обидувајќи се да предизвика емпатија кон Русите како нација на „поразувачи на нацистите“ и да поттикне омраза кон Украинците како нација што „го глорификува нацизмот“ (а понекогаш дури и „сатанизмот“).
Друг аспект на демонизација е изграден врз стариот наратив за „украинската русофобија“, кој, пак, не е ништо друго освен огорченост од агресорот кој се обидува да ја избрише вашата земја, како и нејзините граѓани како активни и притаени поддржувачи на режимот.
Москва се обидува да создаде имиџ за Украина како агресивна милитаристичка држава, имиџ на украинските власти како незаинтересирани за мировниот процес, кои се подготвени да ги жртвуваат и животите на своите граѓани за спроведување на „западниот план“. Самите Украинци се претставуваат како „крвожедни“ и „дивјаци“. Заедно со систематскиот наратив дека САД „ја пумпа Украина со оружје“, Русија има цел да ги убеди Западњаците дека пацифизмот е вистинска опција за завршување на насилството и војната. Меѓутоа, кога се работи за Русија, изборот е многу ограничен: тоа е или победа на Украина или повеќе смрт и насилство под руска окупација.
Демонизацијата на Украинците се користи и како инструмент за дехуманизација на Украинците како нација што „мора да биде избришана“ и следствено, како обид да се објасни геноцидот. Претставувањето на Украинците како агресивна заедница, како и наративите за „потиснувањето на слободата на говорот во Украина“, исто така имаат за цел да ја уништат емпатијата за украинската траума во светот и да ја поткопаат западната поддршка.
Потценување на воениот успех на Украина
Една од најцврстите и најактивни насоки на руската информативна војна е изградена и врз демонизацијата и врз потценувањето на украинската војска. За да го оправда повлекувањето и колосалните руски загуби, пропагандата на Кремљ им ја припиша успешната украинска контраофанзива на „платениците на НАТО“, бидејќи украинските војници традиционално беа претставувани како маргинализирани и неспособни.
Претставувајќи ги успесите на Украинските вооружени сили како „привремени“ и „нестабилни“, Русија исто така прави обиди да ја дискредитира дејноста на Украинските сили за воздушна одбрана како „неспособни“ и „неефикасни“ – иако нивната ефикасност се зголеми на речиси 50-90% од почетокот на големата војна. Оваа тактика на дезинформирање има за цел да ја поткопа довербата на Украинците не само во властите, туку и во војската која ги штити цивилите – ширејќи сомнежи за одбранбената способност на земјата.
Додека руската воена стратегија вклучува воени злосторства и практики на геноцид, нејзината војна со информации не е помалку цинична: извртување на реалноста, префрлање на вината врз Украина, НАТО и САД и претставување на војната како „света“ – ова е рускиот мит за војната.
Речиси една година од руската инвазија врз Украина, руската пропаганда повеќе пати ги менуваше своите наративи во обид да ја оправда војната. Овие наративи вклучуваат сеење сомнеж за ефикасноста на снабдување со оружје за Украина, со тврдења дека Украина е пропадната држава и рај за фашистите, и сугестии дека Русија е голема и непобедлива сила. Овие наративи се користат за да се убеди глобалната заедница и самите Руси во победата на Русија и да се подрие снабдувањето со оружје за Украина.
Додека Украинците ги губат своите роднини и своите домови, агресорот кој му се заканува на целиот западен свет продолжува да глуми жртва и да се жали на русофобија и „дискриминација на Русите во странство“. Обидот на Русија да ја глорификува агресијата против Украина како „војна против НАТО“ не е ништо друго освен замаглување на вината во обид да се избегне одговорноста – но, тоа нема да ја спаси Русија од меѓународниот трибунал. Ова нема да ја спаси Русија од правдата.
Извор: Медиумски Центар за Украинската Криза (Ukraine Crisis Media Center), A Year of Russian Propaganda: Key Narratives and Tactics of 2022, Аналитичка група за хибридно војување (06.02.2023)