ГОЛЕМА АКЦИЈА – Италијанската полиција откри кокаин вреден 800 милиони евра: “Дел од него бил наменет за земја на Балканот“

Полицијата во јужна Италија во вторникот по голема акција соопшти дека запленила 2.700 килограми кокаин со висока чистота, скриен во два ладилни контејнери со банани кои биле испратени од Еквадор.

Кокаинот пронајден во пристаништето „Gioia Tauro“ би вредел повеќе од 800 милиони евра, се наведува во соопштението на италијанската полиција.

Пратката пристигнала од Гвајакил, Еквадор, а крајната дестинација била Ерменија, преку црноморското пристаниште „Batumi“, Грузија.

Дрогата била откриена во контејнери од 12 метри благодарение на специјални скенери, со помош на кучето трагач Џоел, објавија тамошните медиуми.

Полицијата соопштила дека пронашла дополнителни 600 килограми кокаин во контејнери со овошје од Еквадор, кои биле испратени преку пристаништето во изминатите неколку дена.

Овие пратки биле наменети за други делови на Италија, како и за Хрватска, Грција и Грузија.

Калабрија е дом на Ндрангета, која ја замени сицилијанската Коза Ностра како најмоќната италијанска мафијашка организација и игра централна улога во трговијата со дрога во Европа.