ГОЛЕМА ТЕНЗИЈА НА ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК – Кина ги предупредува САД да не се мешаат во спорот со Филипините, Џо Бајден одговори: “Нашата посветеност на нивната одбрана е цврста како железо!“

Соединетите Американски Држави немаат право да се мешаат во прашањата меѓу Кина и Филипините, соопшти во четвртокот Министерството за надворешни работи на Кина, поради тензиите околу спорните води во Јужното Кинеско Море.

САД не се страна во прашањето за Јужното Кинеско Море, тие немаат право да се мешаат во прашањето меѓу Кина и Филипините“, порача портпаролот на министерството Мао Нинг на редовниот брифинг со новинарите како одговор на прашање за американската порака дека ќе ги брани Филипините.

Кина и Филипините имаат неколку големи спорови во Јужното Кинеско Море, првенствено во спорните води околу вториот атол Томас Шоал, дел од островите Спратли.

Кинески брод се судри со филипински брод во неделата. 

Американското ветување за одбрана на Филипините не смее да го нарушува суверенитетот и поморските интереси на Кина во Јужното Кинеско Море и не смее да поттикнува незаконски претензии од страна на Филипините“, вели порпаролот на министерството. 

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Филипините допрва треба да одговори на барањето за коментар.

Претседателот на САДЏо Бајден, изјави во средата во Белата куќа дека посветеноста на САД за одбрана на Филипините е „цврста како железо“, откако ја обвини Кина дека дејствува „опасно и незаконски“ во Јужното Кинеско Море.

Секој напад врз филипински авиони, бродови или вооружени сили ќе го активира нашиот договор за заемна одбрана со Филипините“, порача Џо Бајден на заедничката средба со австралискиот премиер.

Соединетите Американски Држави и Филипините неодамна се договорија за нови насоки за нивниот договор за заемна одбрана од 1951. Упатствата сега прецизираат дека заемните одбранбени обврски ќе бидат активирани во случај на вооружен напад врз која било земја било каде во Јужното Кинеско Море.