‘ГОЛЕМИ ТЕНЗИИ’ – Белата куќа изрази загриженост за Косово и Србија: “Ја поздравуваме подготвеноста на Албин Курти, но…“
Првиот заменик советник за национална безбедност на Белата куќа, Џон Финер, изрази загриженост за настаните во северно Косово во разговорот што го имал со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, објави во петокот Белата куќа.
Џон Финер разговараше со Албин Курти во четвртокот и го повика Косово „да им дозволи на новоизбраните градоначалници да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации и да ги повлече полициските сили од општинските згради“, според соопштението од Белата куќа.
Тој, исто така, ја поздравува „подготвеноста на Албин Курти да работи на создавање услови за нови избори“, се вели во соопштението.
Соработникот на Џо Бајден разговараше со Александар Вучиќ во петокот и побара од Србија „да ги повлече своите вооружени сили стационирани во близина на границата и да го намали нивото на будност, како и да ги повика демонстрантите да останат смирени“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Во двата повици, Џон Финер, како што соопшти Белата куќа, ја изразил својата загриженост за настаните на северот на Косово и апелирал ситуацијата да се смири.
Вашингтон, исто така, очекува двете страни повторно да се вклучат во дијалогот со Европската унија и „целосно да го спроведат договорот за нормализација“ постигнат претходно оваа година.
Немирите се интензивираа на северот на Косово по изборите во април, кои беа бојкотирани од етничките Срби, а кандидатите на етничките Албанци победија во четири општини со мнозинско српско население на север. Етничките Албанци сочинуваат 90 отсто од населението на Косово.
Во судирите меѓу српските демонстранти и КФОР во понеделникот беа повредени 30 припадници на КФОР и 52 Срби.
Поради насилството, НАТО најави испраќање дополнителни војници на Косово.