ГОЛЕМ КОНФЛИКТ ВО СРЦЕТО НА ЕВРОПА – Французите поставија ултиматум, а Германците ги губат нервите: “Ова е прашање на политички опстанок“

Франција постави ултиматум, а Германија возврати, што дополнително го влоши ќор-сокакот предизвикан од комбинацијата на енергетската криза во регионот и зелената транзиција на Европската унија.

И додека поголемиот дел од дискусијата е за улогата на нуклеарната енергија во идниот енергетски микс на Европа, во самата суштина на несогласувањето е прашањето каде се наоѓа индустриското срце на блокот. И покрај падот на цените од рекордното ниво минатата година, позициите се заострија, при што Франција и Германија бараат начини да продолжат додека Европа се стреми да постигне јаглеродна неутралност, пишува Bloomberg.

Владите и во Париз и во Берлин сакаат да обезбедат електрична енергија по најниска можна цена“, вели Кристијан Егенхофер, висок истражувач во Институтот CEPS во Брисел и додава: „Тоа е речиси прашање на политички опстанок“.

По протестите на „жолтите елеци“ во Франција пред пет години, цените на енергијата остануваат експлозивна тема за претседателот Емануел Макрон и неговата Влада.

Коалицијата на канцеларот Олаф Шолц во Германија, исто така, е под притисок откако нивната поддршка испари по невештите реформи спроведени во пролетта за да се одвикне греењето на домовите и становите од фосилните горива. Опозициските партии во двете земји сега ја ловат таа сламка.

ЕУ тешко може да си дозволи долг конфликт во рамките на нејзиното индустриско јадро. Предлог-законот за антиинфлација на американскиот претседател Џо Бајден предизвика загриженост дека САД ги отфрлаат инвестициите, додека неодамнешната истрага за кинеските субвенции за производителите на електрични возила ја одразува растечката вознемиреност поради конкурентната закана што ја претставува азиската суперсила.

Несогласувањата за цените на енергенсите се само еден аспект од тензиите меѓу двете земји. Франција и Германија не се согласуваат околу основните елементи на т.н. Зелен договор. Како прво, Германија ја задржа одредбата за забрана на возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година поради исклучоци поврзани со т.н. е-горива. Потоа, Франција се заложи за слично ослободување, овојпат поврзано со нуклеарната енергија како дел од Законот за обновлива енергија.

Сега Франција се обидува да добие предност со ревизија на правилата за пазарот на електрична енергија на Европската унија за да го продолжи животот на нејзините застарени и задолжени нуклеарни реактори. Доколку биде успешен, планот ефективно ќе и овозможи на Владата да обезбеди поголема стабилност за државната компанија Electricite de France SA (EDF) и да искористи нови извори на финансирање за да го продолжи животот на француските реактори.

А таа француска комунална компанија има очајна потреба од нова финансиска инјекција. EDF вели дека можеби ќе треба да инвестира 25 милијарди евра годишно за да ја продолжи работата на 56 реактори од 1980-тите и 1990-тите години, да изгради нови нуклеарни реактори и ветерници и соларни фарми и генерално да ја модернизира мрежата. Проблемот е што енергетскиот гигант веќе е оптоварен со долг од 65 милијарди евра.

Берлин ја блокира иницијативата додека Германија се бори да го обнови сопствениот енергетски систем по прекинот на рускиот гас минатата година и евентуалното затворање на сите нуклеарни реактори. Најголемата европска економија е загрижена дека Франција ќе биде во позиција да ги намали цените на енергенсите во Германија доколку Париз му дозволи на EDF да продава енергија под пазарната цена.

Поентата на несогласување е дека француската енергетска инфраструктура е во државна сопственост“, вели германскиот министер за економија Роберт Хабек

Ова, всушност, беше одговор на неговиот француски колега Бруно Ле Мер, кој претходно изјави дека нуклеарната енергија претставува „црвена линија“ за неговата земја.

Без сигурен пристап до прифатлива енергија, Германија се плаши дека компаниите кои трошат многу енергија ќе инвестираат на друго место и дека ќе ја изгубиме таа индустриска база“, вели Роберт Хабек и додава: „Мојата поента не е дека Франција има нуклеарни централи, туку дека операторите на нуклеарните централи можат да понудат енергија по пониски цени на пазарот“.

И секако има причина за загриженост. Со цените на енергијата сè уште високи и сомнителна безбедност на снабдувањето додека земјата се обидува да се одвикне од зависноста од јаглен, Франција привлече речиси 50 отсто повеќе директни инвестициски проекти од Германија во последните две години.

Довербата во успехот на енергетската транзиција на Германија – која вклучува ризично проширување во водород – опадна кај германските бизнисмени. Дури една третина од производителите размислуваат да се преселат во друга земја или веќе го започнале тој процес, покажува истражувањето на трговската и индустриската комора на Германија. И Франција е подготвена да им понуди се.

Најголемиот германски производител на алуминиум Trimet минатата година мораше да го намали производството поради енергетската криза. Но, среќата се сврте кон една од нивните топилници во Сен-Жан-де-Мориен, југоисточна Франција, откако EDF им понуди на француските капацитети на Trimet нов 10-годишен договор за снабдување со електрична енергија под пазарот во јуни. 

Евтината нуклеарна енергија на Франција му овозможи на Trimet да ја унапреди својата зелена трансформација“, изјави тогаш извршниот директор Филип Шлутер.

Индустриската конкуренција е важен елемент во разговорите меѓу Германија и Франција“, вели Кристијан Руби, генерален секретар на здружението на европскиот енергетски сектор EuroElectirc и додава: „Германија се соочува со фактот дека Франција може да има поевтина струја од своите нуклеарни централи во наредните години“.

За да одговори на ова, Роберт Хабек предложи привремено субвенционирање на цените на енергијата за индустријата, но широката поддршка за оваа идеја сè уште недостасува. Ризикот од планот е да се продолжи со поддршката на неефикасните производители и да се забави толку потребната транзиција кон чиста енергија“, вели Клаудија Кемферт, експерт за енергија во германскиот институт за економски истражувања во Берлин.

Германските амбиции за субвенционирање на цената на струјата за индустријата се исто толку погрешни како и француските. Двете земји треба да се договорат за најбрзата можна транзиција кон обновливите извори на енергија“, вели Клаудија Кемферт.

Притисокот се зголемува во Париз бидејќи тамошниот закон, кој ја обврзува EDF да продава големи количини електрична енергија со голем попуст, истекува на крајот на 2025 година.

Висок советник на француската Влада вели дека според новите прописи што треба да се воведат наскоро, идните цени во Франција на крајот ќе бидат слични на оние во Германија и дека двете земји најверојатно ќе се договорат за слични цени на електричната енергија за нивните индустрии.