Дополнителни три денари за предаден килограм пченица, поддршка и за јачменот и оризот

Дополнителна поддршка од три денари за предаден килограм пченица до локалните откупувачи, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. 

Целта на дополнителната поддршка за предадена пченица, нагласи денеска Николовски, е да се исполнат капацитетите за локално производство за производство на храна кои мора да се зголемат.

„Министерството е подготвено и ќе излезе пред Владата со нов пакет мерки кои го опфаќаат производството на жито, поточно јачмен и пченица. Ова беше и нашата главна цел кога беше направен националниот план за производство на храна. Годинава преку Интервентниот фонд ќе и дадеме приоритет на поддршката на пченицата и ќе предложиме дополнителни три денари за килограм пченица што ќе се достави до регистрираните откупувачи во земјава“, рече Николовски на прес-конференција.

За производителите на пченица, додаде тој, покрај основните плаќања што се веќе извршени, освен за зелената нафта, за која е склучен и договор со Платежната агенција со избраниот оператор и ќе добијат зелени картони во текот на летото, во оваа период ќе ја утврдат оваа поддршка и средствата ќе се исплаќаат брзо и навреме годинава. 

По предлогот што беше доставен до потсекторската група за состојбите со производството и откупот на јачмен, мерката за дополнителни 12.000 денари по хектар за сите производители на пченица беше прифатена, без, како што истакна Николовски, да се намали оваа мерка доколку има поголеми простори и без ограничување на површините кои претходно беа од пет до 50 хектари. 

Тој предупреди дека се предвидува нова поддршка и за оризопроизводителите каде што се менува потточка 1.2 и преку промена на вредноста на дополнителните плаќања за ориз, кои се 12.000 денари по хектар без употреба на сертифициран семенски материјал. 

Според информациите на терен, најави министерот, голем број оризопроизводители обезбедиле сертифициран материјал и за ова чекаат стотици апликанти. Доказите за набавка на овој материјал мора да се достават до подрачните единици до 14 јули, додека не истече рокот за поднесување за директни плаќања во 2023 година