Бектеши: Проблемот во Слупчане е решен, сите граѓани мора да платат за потрошената енергија

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека денеска ќе се реши проблемот со снабдувањето со електрична енергија во селото Слупчане. Сите граѓани, рече тој, мора да платат за потрошената енергија и Министерството за економија ќе помогне во секоја ситуација каде што е потребно, согласно овластувањата што ги имаме. Ваквата изјава тој ја даде по повод неовластено користење струја од мештаните, што предизвика проблем во електропреносната мрежа во некои села од Ликова.

„Министерството за економија, согласно овластувањата кои произлегуваат од Законот за енергетика и подзаконските акти, создава амбиент за намалување на загубите на електрична енергија во областа на пренос и дистрибуција и во областа на постоечките кражби. Јас лично сум вклучен во овој процес и сакам да им порачам на сите граѓани дека струјата мора секаде да се плаќа“, рече Бектеши.

Тој додаде дека секој граѓанин мора да плати за потрошената енергија, така функционира пазарната економија и регулираната економија, бидејќи цената на струјата кај нас е регулирана.

„Целосно сме посветени загубите да ги сведеме на минимум. Од минатата година до сега, со поддршка на Министерството за економија и други институции, загубите значително се намалени. ЕВН има право согласно регулативата да постапи во овие случаи бидејќи има преземено обврска да работи на подобрување на мрежата за да ги подобри услугите што ги нуди за сите граѓани“, рече министерот.

Тој нагласи дека разговарал со градоначалникот, дека состојбата во Слупчане ќе се реши и екипите за дистрибуција на електрична енергија ќе можат без пречки да работат во отстранување на дефектите и подобрување на дистрибутивната мрежа.

„Разговарав со градоначалникот кој одлично си ја заврши работата, колку што имам информации има разговарано со сите населени места, ако треба да помогнеме како министер за економија ќе помогнеме, да се запознаеме со жителите не само во Слупчан, туку и во другите населени места. Но морам уште еднаш да кажам дека сите граѓани имаат обврска да платат за потрошената енергија“, рече Бектеш.