Лука Модриќ ќе го одигра својот последен натпревар за Реал Мадрид на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ следниот викенд, потврди хрватскиот играч од средниот ред во објава на социјалните мрежи, а веста веќе ја објавуваат како ударна вест сите светски медиуми.
Тоа ќе биде натпревар против Реал Сосиедад, а Модриќ потврди дека сепак ќе игра за Реал на Светското клупско првенство во јуни, а потоа ќе го напушти клубот.
Модриќ има 39 години и долго време се зборува за негово заминување од стадионот „Сантијаго Бернабеу“, уште од минатата година кога се случи пресврт и Хрватот на крајот ја продолжи соработката со клубот.
Сега е време да се збогуваме и да завршиме една тринаесетгодишна приказна, бидејќи Модриќ пристигна во Реал во 2012 година и оттогаш прерасна во еден од најдобрите играчи од средниот ред во светот.
Со Реал, Модриќ освои шест титули во Лигата на шампионите и четири трофеи во шпанското првенство, а во 2018 година беше прогласен за најдобар фудбалер во светот откако ја доби Златната топка.
„Драги навивачи, дојде времето. Момент што никогаш не сакав да дојде, но тоа е фудбалот и сè во животот има почеток и крај. Во сабота го играм мојот последен натпревар на стадионот „Бернабеу“, напиша Модриќ во писмото што го објави по повод неговото заминување од Реал.
Дуелот Реал Мадрид-Реал Сосиедад ќе се игра во сабота во 16:15 часот, а тогаш Модриќ ќе се збогува со навивачите на Реал Мадрид.
Досега, Модриќ одигра 590 натпревари за Реал, постигна 43 гола и запиша 95 асистенции. Претходно играше за Тотенхем и Динамо Загреб.