Го регулираат крвниот притисок, воспалението, нивото на холестерол… Овие намирници се спасителни за вашето срце

Многумина не се свесни дека правилната исхрана е всушност половина од здравјето и дека со изборот на добра храна ќе го заштитите и срцето.

Нутриционистката Ивана Мишиќ откри која храна треба да ја вклучите во вашата исхрана:

– Исхраната игра многу важна улога за здравјето на кардиоваскуларниот систем. Исхраната за здраво срце, пред сè, ја вклучува храната во нивната природна форма и ги исклучува сите индустриски обработени намирници. Одредени намирници можат да влијаат на крвниот притисок, триглицеридите, нивото на холестерол и воспалението, а сето тоа се фактори на ризик за срцеви заболувања – вели нутриционистот и додава кои намирници треба да ги вклучите во исхраната за да го подобрите вашето здравје и да го заштитите срцето:

– Зелениот лиснат зеленчук како спанаќот, кељот и блитвата се богати со бројни витамини, минерали и антиоксиданси. Тие вклучуваат витамин К и нитрати, кои можат да помогнат во намалување на крвниот притисок и подобрување на функцијата на артериите.

Интегрална храна

Во споредба со рафинираните житарки, тие содржат повеќе растителни влакна, кои можат да помогнат да се намали „лошиот“ ЛДЛ холестерол, а со тоа да се намали ризикот од развој на срцеви заболувања.

Боровинки

Јагодите, боровинките, капините и малините се преполни со важни хранливи материи кои играат централна улога во здравјето на срцето. Боровинките се богати со антиоксиданси како што се антоцијаните, кои го штитат телото од оксидативен стрес и воспаленија и кои можат да влијаат на развојот на срцеви заболувања.

Масна риба

Масните риби како лососот, скушата, сардината и туната се полни со омега 3 масни киселини, кои позитивно влијаат на здравјето на срцето.

Јаткасти плодови

Оревите се одличен извор на влакна и минерали како што се магнезиум, бакар и манган. Тие можат да помогнат во намалување на холестеролот и крвниот притисок, а може да бидат поврзани со помал ризик од развој на срцеви заболувања.

Темно чоколадо

Темното чоколадо е богато со антиоксиданси како флавоноиди, кои можат да го подобрат здравјето на срцето. Одредени студии покажаа дека темното чоколадо го намалува ризикот од развој на коронарна срцева болест.

Домати

Доматите се богати со ликопен, природен растителен пигмент со моќни антиоксидантни својства, благодарение на што го намалува ризикот од развој на срцеви заболувања.

Бадеми

Бадемите се неверојатно богати со хранливи материи, витамини и минерали кои се клучни за здравјето на срцето.