Личен секретар кој го уби и распарчи телото на својот работодавец откако украде околу 400.000 долари, вчера е осуден на 40 години затвор, објави окружниот обвинител на Менхетен.
Тајрис Хаспил (25) беше прогласен за виновен во јуни за убиство на поранешниот шеф Фахим Салех во 2020 година, кражба и други злосторства, пишува АП.
Откако се вработил кај Салех, Хаспил набрзо почнал да вади пари од сметката на својот работодавец. Тој поднесе оставка една година подоцна, но продолжи да ги краде парите, дури и откако Салех откри што се случува и му дозволи на поранешниот помошник да ги врати украдените пари за да избегне кривично гонење.
Хаспил, од страв дека неговиот поранешен работодавец ќе открие дека тој сè уште краде пари, решил да го убие Салех.
Затоа, на 13 јули 2020 година, тој се облекол во црно, ставил маска на лицето и го следел Салех. Кога неговиот поранешен шеф излегол од лифтот на неговата станбена зграда во Њујорк, Хаспил го удрил, а потоа го избодел до смрт.
Следниот ден се вратил во станот за да го распарчи телото со електрична пила, но кога се потрошила батеријата на пилата отишол да купи полнач. Додека Хаспил бил надвор, братучедот на Салех пристигнал во станот и го пронашол распарченото тело.
Ден по убиството било утврдено дека Хаспил со кредитна картичка купувал средства за чистење и дека на ист начин сам си го платил превозот до и од местото на злосторството.
Полицијата го уапсила Хаспил неколку дена по убиството.