Градоначалникот Куртовски прими претставници на ФК „Радика” на реканците во Италија

– Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски денеска во неговиот кабинет прими претставници на фудбалскиот клуб „Радика” на иселениците од подрачјето на Река во Италија.

– Срдечна средба со претставници на фудбалскиот клуб „Радика” на нашинците од Џемона, Република Италија. Искажав голема благодарност до сите нив што преку спортот ја претставуваат нашата општина и држава, објави Куртовски на Фејсбук.

Според него, оваа екипа се натпреварува на многу фудбалски турнири а на турнирот во Лидо Адриано го освоила првото место, што, како што нагласува „не прави горди сите нас во општината”.

– Благодарност до сите вас што преку спортот ја претставувате нашата општина и нашата држава. Им подаривме дресови од македонската фудбалска репрезентација за да можат достојно да ја претставуваат нашата општина и нашата држава, посочува Куртовски.

Во западноевропските земји, главно Италија и Германија живеат десетина илјади долнореканци, кои во летниот период масовно доаѓаат во родниот крај.