Град Скопје за пожарот: МВР итно да ги истражи причините, две години кажуваме дека проектот е погрешен

Од Град Скопје бараат МВР итно да истражи кои се причините за пожарот во Универзална сала и доколку се работи за човечки фактор и како што велат, мотивирано од погрешната и небезбедна градба, институциите да покренат соодветни постапки за одговорност.

„Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме!

Две години укажувавме дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, дека нема шанси никој од Градот да потпише градба и продолжи било каква реализација.

Советниците во Советот на Град Скопје на седница во јули 2023 година одлучија Министерството за култура да ја превземе Универзална сала и нејзината реконструкција. По неколку месеци мистериозно гори Универзална сала, наместо да се РЕВИДИРА што правел изведувачот“ велат од Град Скопје.

Универзална сала е на скопјани и на Македонија, а некој се обидува да заташка што правел, за што јавно говоревме 2 години и бевме напаѓани за истото од центрите на моќ и кеш. Ајде криминалци да ве видиме дали и како ќе си го покриете делото и срамот, порачаа од Град Скопје.