Гренланд има нова влада, ја формираа четири од пет најсилни партии

Четири од петте партии во парламентот на Гренланд формираа влада и официјално ќе ја објават на денот кога американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ќе ја посети американската база на островот, објави Политико.

Повикувајќи се на локалните медиуми, Политико објави дека политичките партии во Гренланд се обединиле поради заканите кои постојано доаѓаат од САД.

Единствената партија која нема да биде дел од новата влада е Налерак, која ги напушти коалициските преговори поради несогласувањата околу брзината на стремежот за независност на островот од Данска.

Сепак, владата ќе ја формираат другите четири партии, и тоа Инуитите Атакатигиит, Сиумут, Атасут и Демократите.

Овие партии заедно имаат 22 места во парламентот и ќе формираат влада која ќе ја вклучи независноста меѓу своите цели, иако нивниот пристап ќе биде нешто побавен и повнимателен.

Договорот за коалиција ќе биде официјално потпишан денеска, кога се очекува Венс да ја посети американската база во Питуфик.

Нов премиер најверојатно ќе биде Јенс-Фредерик Нилсен, лидер на демократите кој на изборите освои 30 отсто од гласовите.