– Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси денеска во Калининград разговараше со руски претставници за обезбедување на украинската нуклеарна електрана Запорожје.
– Во Калининград се сретнав со високи функционери од неколку руски агенции. Продолжувам со моите напори да ја заштитам нуклеарната централа Запорожје, бидејќи тоа е во интерес на сите, напиша Гроси на Твитер.
Руската државна нуклеарна корпорација соопшти дека Гроси се сретнал со шефот на Росатом, Алексеј Лихачев, кој го информирал за „чекорите преземени од руската страна за да се обезбеди безбедно функционирање на централата“.
Во меморандумот се наведува дека руската страна е „подготвена“ да работи на имплементација на иницијативите презентирани од Гроси.
Директорот на МААЕ пред девет дена ја посети најголемата нуклеарната централа во Европа, Запорожје, лоцирана во Украина, а под контрола на Русија. Централата е во близина на првата линија на борбите помеѓу руските и украинските сили. Гроси тогаш истакна оти е потребна безбедност и спречување на евентуална нуклеарна катастрофа што може да биде предизвикана од меѓусебно гранатирање од руска и украинска страна.