– Актуелниот генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), со седиште во Виена, Рафаел Гроси, ќе остане на функцијата и следните четири години, одлучи денеска Одборот на гувернери од 35 земји, јави ДПА .
Гроси немаше противкандидат и затоа одлуката беше донесена едногласно. Тој на чело на МААЕ е од декември 2019 година и денеска им се заблагодари на земјите-членки за довербата што му ја дадоа.
-Поддршката доаѓа во време кога се соочуваме со многу големи предизвици и јас сум целосно посветен да продолжам да правам се што е во моја моќ за спроведување на клучната мисија на МААЕ за поддршка на глобалниот мир и развој, рече Гроси, пренесен од германската агенција.
Шефот на МААЕ во последните месеци е особено активен околу ситуацијата во Иран и Украина. Минатата недела Гроси отпатува за Техеран, каде што му беше ветено дека на инспекторите на МААЕ ќе им биде дозволено повторно повнимателно да ја следат контроверзната иранска нуклеарна програма во иднина.
Со месеци наназад, исто така, тој е во тесни разговори со Киев и Москва за воспоставување безбедна зона околу најголемата европска нуклеарна централа, во украински град Запорожје, иако таму сè уште нема на повидок шанси за договор, потсетува ДПА.