Кина, САД и Ирак го поздравуваат обновувањето на односите меѓу Иран и Саудиска Арабија

– На обновувањето на дипломатските односи меѓу Саудиска Арабија и Иран денеска реагираа неколку земји, а меѓу нив и Кина и САД, како и соседен Ирак, и сите тие го поздравуваат вртењето нова страница меѓу Ријад и Техеран.

Највисокиот кинески дипломат Ванг Ји го окарактеризира настанот како „победа на дијалогот и мирот“.

„Обновувањето на врските е главната добра вест во сегашниот турбулентен свет“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи на крајот од дијалогот меѓу Саудиска Арабија и Иран.

Ванг денеска додаде дека Кина ќе продолжи да има конструктивна улога во решавањето на проблемите со жариштата во светот и ќе ја покаже својата одговорност како голема нација.

Од друга страна, САД, свесни дека двете значајни земји ги обновиле дипломатските односи, им пренеле дополнителни детали на Саудијците, соопшти Советот за национална безбедност на Белата куќа.

„Генерално, ги поздравуваме сите напори да помогнеме да се стави крај на војната во Јемен и да се деескалираат тензиите во регионот на Блискиот Исток, кои, заедно со дипломатијата и одвраќањето, се меѓу клучните столбови на политиката која претседателот Бајден ја изнесе во текот на својата посета на регионот минатата година“, изјави портпаролот на Белата куќа.

Ирак, исто така, го поздрави „вртењето нова страница“ меѓу Иран и Саудиска Арабија, објави државната новинска агенција

Иран и Саудиска Арабија денеска се договорија повторно да воспостават дипломатските односи и да отворат амбасади, по повеќегодишна напнатост меѓу двете земји, пренесоа агенциите.

Договорот, кој беше постигнат во Пекинг оваа недела, претставува голема дипломатска победа за Кина, бидејќи земјите од Заливот забележуваат дека САД полека се повлекуваат од поширокиот Блиски Исток.

Одлуката, исто така, доаѓа во време кога дипломатите се обидуваат да стават крај на повеќегодишната војна во Јемен, судир во кој и Иран и Саудиска Арабија се длабоко вовлечени.