– Руската паравоена група „Вагнер“ повторно започна со регрутација на борци во два региона во земјата неколку месеци по смртта на нејзиниот основач и лидер, објавија локалните медиуми.
Регрутираните се инкорпорираат во Росгвардија, или Руската национална гарда, како една од нејзините единици, која ја води 25-годишниот Павел Пригожин, син на Евгениј Пригожин, кој загина во авионска несреќа во август, јави „59.ru“.
Регрутирањето, наводно, се одвива во руските региони Перм и Новосибирск.
Новинарите дојдоа до објавата за продолжување на регрутирањето во Перм објавено на регионалниот канал на „Вагнер“ на Телеграм.
Тие разговараа со локалните претставници на „Вагнер“ и дознаа дека групата сега е посебна единица на Росгвардија под водство на Павел.
„Амблемите и симболите остануваат исти. Ги регрутираме оние кои веќе имаат борбено искуство, вклучувајќи ги и оние кои веќе работеле за приватната воена компанија. Единствената разлика е во тоа што регрутираме само слободни луѓе, а не од затвори“, истакна локален претставник на „Вагнер“.
Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа на 23 август, по два месеца откако „Вагнер“ се дигна на краткотраен бунт против руската Влада.
Припадниците на „Вагнер“ во последните години беа распоредени во Африка, како и во Украина, каде што Москва започна „специјална воена операција“ во февруари 2022 година.