Група од 43 рабини во Израел му дадоа зелено светло на Нетанјаху за напад на болницата Ал- Шифа во Газа

– Група од 43 рабини во Израел му порачаа на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека нападот врз болницата Ал-Шифа во Газа може да биде оправдан ако припадниците на Хамас се кријат таму и ги користат цивилите како штит.

Израелската телевизија Канал 14 објави дека на Нетанјаху му е пратено писмо потпишано од 43 рабини во кое се наведува дека од верски аспект е дозволено да се бомбардира болницата Ал-Шифа.

Истиот извор информира дека во писмото се наведува дека „нема верски или морални пречки за напад врз цивили доколку некој се крие зад нив и ги користи како штит“.

Писмото е пратено и до израелската војска и до министрите во израелската Влада.

Понатаму во пораката се наведува дека треба да се осудат оние што ги користат цивилите како штит и дека во случај на бомбардирање на болницата одговорноста ја сносат тие луѓе, како и нивните поддржувачи.

Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, претходно изјави дека Хамас ја користи болницата Ал-Шифа како штит и дека врши напади од болницата.

Хамас ги негираше обвинувањата во врска со болницата Ал-Шифа, во која се наоѓаат десетици илјади ранети цивили и оние што ги напуштиле своите домови поради израелските напади.