Грција: Мицотакис ја опиша борбата против шумските пожари во Родос како „војна“

Родос претрпе големи штети во пожарите кои избувнаа пред седум дена и се уште не се изгаснати

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги опиша шумските пожари на островот Родос како „војна“, јавува Anadolu.

„Ние сме во војна. Ќе го обновиме изгубеното, ќе ги надоместиме загубите. Наша примарна грижа треба да биде заштитата на човечките животи“, рече Мицотакис.

Тој во говорот во Парламентот на Грција посочи дека пожарите избувнале под влијание на долготрајна жештина и силен ветер и рече дека никакви мерки против пожари не се доволни.

Премиерот изјави дека Родос претрпел големи штети во пожарите што избувнаа пред седум дена и дека тие се уште не се изгаснати.

Мицотакис рече дека илјадници луѓе се евакуирани на безбедно во Родос.

„Ниту една мерка на претпазливост не е доволна против бесот на природата. Сите мора да бидеме постојано будни во следните неколку недели“, рече грчкиот премиер.

Шумскиот пожар, кој избувна пред седум дена на островот Родос, продолжи неконтролирано да се шири, поради што на 22 јули од регионот беа евакуирани 19.000 луѓе.

Министерството за клима на Грција соопшти дека „оваа операција за евакуација е најголемата досега спроведена во земјата“.

Евакуацијата беше тешка бидејќи во некои делови на Родос беа прекинати комуникациските врски.