Грција очекува да разговара за витални прашања со Турција по изборите

Грција очекува да разговара за важни прашања со Турција по изборите во двете земји во мај, истакна доцна синоќа грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас.

Нагласувајќи дека сегашната мирна атмосфера во турско-грчките односи нема да има „датум на истекување“, Дендиас за државната телевизија ЕРТ изјави дека „по изборите ќе се вратиме на сериозни разговори за решавање на нашите разлики“.

Тој предупреди дека разговорите треба да започнат веднаш штом ќе се формираат нови влади во двете земји по изборите, со цел да се искористи сегашниот моментум.

Прашан дали разговорите со Турција ќе бидат во форма на технички разговори, Дендиас рече дека претходните 63 рунди од таквите разговори не ги дале посакуваните резултати и додаде дека „ако не дојде до приближување [на ставовите] за главните работи, нема да може да се обезбеди решение преку различен процес за ситните работи“.

За можноста на барање решенија за споровите меѓу двата сојузника во НАТО преку мултилатерална конференција, грчкиот министер истакна дека тоа е многу малку веројатно.

Дендиас, исто така, рече дека прозападно ориентирана Турција е во интерес на секоја засегната страна, вклучително и на Грција.

Во однос на демаркацијата на континенталниот гребен и ексклузивните економски зони (ЕЕЗ) меѓу Грција и Албанија, тој изрази надеж за значаен напредок по ова прашање оваа година.

Дендиас истакна дека албанската Влада се подготвува да го потпише договорот и да го достави до претседателот за одобрување.

Грција беше меѓу првите земји што го пренесе своето сочувство и понуди помош на 6 февруари, кога два силни земјотреса погодија 11 јужни турски области.

Од друга страна, исто и Турција беше прва земја што упати сочувство и помош по железничката несреќа на 28 февруари во Северна Грција, во која загинаа најмалку 57 лица.

По несреќата, Турција дозволи трансфер на затвореник во Грција за да присуствува на погребот на својот син.

На 20 март турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и Дендиас се состанаа во Брисел и се согласија Турција да ја поддржи кампањата на Грција за непостојано место во Советот за безбедност на Обединетите нации во периодот 2025-2026 година, а Атина да ја поддржи кандидатурата на Анкара за генерален секретар на Меѓународната поморска организација (ИМО).

Минатата недела грчкиот министер за одбрана Николаос Панајотопулос ја посети Турција и оствари средба со турскиот министер Хулуси Акар.

Извор: ТРТ Бајрам