Грција: Шумски пожар предизвика експлозија во депо за муниција

Шумскиот пожар раширен од силните ветрови предизвика серија експлозии во складиште за муниција во Централна Грција.

Локалните медиуми соопштија дека пожарот стигнал до објектот што се наоѓа на околу 6 километри северно од големата воена воздухопловна база во Неа Анхиалос.

Иако од експлозиите се искршени прозорците на куќите во околината, нема информации за повредени бидејќи местото било однапред безбедно евакуирано.

Во изминатите неколку дена низ делови на Грција беснеат пожари што предизвикаа евакуација и на туристите на островот Родос.

Во меѓувреме, повикувајќи се на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита, грчката новинска агенција АМНА објави дека има „многу висок ризик од пожари“ во регионите на Атика, Централна Грција, Пелопонез, јужниот Егеј, северниот Егеј и на Крит.

„Авионите на грчките воздухопловни сили се преместени од воениот аеродром во Неа Анхиалос, во близина на Волос, откако шумските пожари во регионот се проширија близу базата“, соопшти АМНА.

„Наредбата беше издадена синоќа по експлозиите во складиштето за муниција што се слушнаа во Волос и поширокото подрачје“, се додава.

Во воздухопловната база е сместено Борбеното крило 111 на Тактичкото воздухопловство.

Грчките власти ги советуваа луѓето да бидат исклучително внимателни и да избегнуваат каква било активност на отворено што може случајно да предизвика пожар.

Претходно, Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската комисија соопшти дека Грција ги искусува „најинтензивните емисии предизвикани од шумските пожари“ за јули досега.