Грчкиот премиер најави општи избори во мај

Четиригодишниот мандат на конзервативната влада истекува во јули, но се очекуваше Мицотакис да распише избори на почетокот на април.

Премиерот на Грција Киријакос Мицотакис во интервју за грчката ТВ Алфа најави дека општите избори ќе се одржат во мај, пренесува агенцијата Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Четиригодишниот мандат на конзервативната влада истекува во јули, но се очекуваше Мицотакис да распише избори на почетокот на април, според извештајот на Ројтерс.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека предноста на партијата Нова демократија на Мицотакис пред левичарската опозициска партија Сириза се намалува по железничката несреќа на 28 февруари, најлошата во историјата на грчките железници.

Десетици мртви

Несреќата, во која директно се судрија патнички и товарен воз, однесе животи на 57 луѓе, предизвика гнев во јавноста и масовни протести поради нарушената безбедност на железничкиот сообраќај, јавуваат агенциите.

„Можам со сигурност да ви кажам дека изборите ќе се одржат во мај“, рече премиерот Мицотакис во своето прво ТВ интервју по катастрофалната несреќа кај Лариса, административниот центар на грчката провинција Тесалија.