Гувернерот на Алјаска, Мајк Данливи, денес изјави дека државата е подготвена да биде домаќин на средба меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и претседателот на Русија, Владимир Путин , со оценка дека е логично да се водат дискусии за прашања од глобално значење на, како што рече, најважната стратешка локација во светот.
Како што објави Укринформ, тој напишал за тоа на социјалната мрежа X
Данливи истакна дека Алјаска е најважната стратешка локација во светот, сместена на раскрсницата на Северна Америка и Азија, со Арктикот на север и Тихиот Океан на југ.
„Само две милји ја делат Русија од Алјаска, па затоа ниедно друго место не игра поважна улога во нашата национална одбрана, енергетска безбедност и лидерство на Арктикот“, напиша гувернерот.
Она што се случува на Арктикот и Пацификот влијае на Алјаска пред остатокот од земјата, рече тој.
Данливи, исто така, рече дека е „сосема логично“ дискусиите за прашања од глобално значење да се одржуваат тука.
„Со векови, Алјаска беше мост меѓу народите, а денес ние остануваме порта за дипломатија, трговија и безбедност во еден од најважните региони во светот. Светот ќе набљудува, а Алјаска е подготвена да биде домаќин на овој историски состанок“, додаде тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп рано утрово објави, а Кремљ потврди, дека ќе се сретне со рускиот лидер Владимир Путин на 15 август во Алјаска.