Авионите станаа вообичаено превозно средство дури и помеѓу дестинации што не се премногу оддалечени, а некои летови не траат ниту еден час. На небото над нас е сѐ повеќе метеж, а неодамна беше срушен интересен рекорд.
На Facebook страницата Putoholičari е објавена фотографија на која се гледа состојбата на небото во текот на цел ден.
„За прв пат Flight Radar забележа повеќе од 250.000 летови во еден ден, поточно имало рекордни 251.829. Во еден момент во воздухот истовремено биле над 20.000 авиони“, се вели во соопштението.
Инаку, Flightradar24 е веб-страница која ги прикажува авионите низ светот во реално време, а се ажурира на секои неколку секунди, објаснија на споменатата страница.
Ова е доказ дека авионите се сè попопуларна алатка за кратки и долги растојанија, поради работа или одмори и патувања. Доколку овој тренд продолжи, експертите предвидуваат дека воздушниот сообраќај во светот ќе се удвои во следните две децении.
Но, здруженијата и организациите за заштита на животната средина нагласуваат дека користењето на авиони има негативни последици за животната средина.
Германската Федерална агенција за животна средина (УБА) претпоставува дека овие штетни ефекти од воздушниот сообраќај се меѓу два и пет пати поголеми од емисиите на јаглерод диоксид. Според тоа, учеството на воздушниот сообраќај во глобалниот ефект на стаклена градина е најмалку 5%.