Гутереш: Газа се претвора во гробишта за деца

Генералниот секретар на Обединетите нации ОН Антонио Гутереш во понеделникот изрази длабока загриженост поради очигледното кршење на меѓународното право во Газа, нагласувајќи дека „ниту една страна во вооружениот конфликт не е над меѓународното хуманитарно право“.

На прес-конференција во седиштето на ОН во Њујорк, Гутереш истакна дека ОН и нивните партнери покренуваат хуманитарен апел во вредност од 1,2 милијарди долари за помош на 2,7 милиони Палестинци.

„Длабоко сум загрижен поради очигледното кршење на меѓународното хуманитарно право на кое сме сведоци. Дозволете ми да бидам јасен: ниту една страна во вооружениот конфликт не е над меѓународното хуманитарно право“, рече шефот на ОН.

Опишувајќи ја ситуацијата во опколената и бомбардирана палестинска енклава Појасот Газа како нешто „повеќе од хуманитарна криза“, Гутереш целата ситуација ја нарече хуманитарна криза што го потресува светот и регионот.

Тој нагласи дека заштитата на цивилите мора да биде најважното прашање и додаде дека „Газа се претвора во гробишта за деца“, при што стотици девојчиња и момчиња се убиени или ранети секој ден.

„Катастрофата што се развива ја прави потребата за хуманитарен прекин на огнот поитна од час во час“, рече Гутереш.

Тој порача дека итно мора да престане ова, како што рече, нечовечко колективно страдање.

„Страните во конфликтот и, навистина, меѓународната заедница, се соочуваат со непосредна и клучна одговорност: да се стави крај на нехуманото колективно страдање и силно да се зголеми хуманитарната помош за Газа“, нагласи Гутереш.