Гутереш: „Нападот на браната во Украина е уште една разорна последица на руската инвазија“

– Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, синоќа изјави дека уништувањето на браната „Каховка“ на југот од Украина е уште една разорна последица на руската инвазија и повика на ставање крај на нападите врз цивилите и критичната цивилна инфраструктура“.

„Сите ги видовме трагичните слики што излегоа за монументалната хуманитарна, економска и еколошка катастрофа во регионот Херсон во Украина. Обединетите нации немаат пристап до независните информации за околностите кои доведоа до уништувањето на хидроелектраната Каховка“, рече Гутереш.

Шефот на ОН исто така рече дека светот ги гледа последиците во Херсон, Нова Каховка и 80 други градови и села покрај реката Днепар кои се соочени со големи поплави и евакуација, пустошење на околината и уништување на новозасадените посеви.

Гутереш предупреди на дополнителни закани на високозагрозената нуклеарна централа „Запорожје“, најголемата нуклеарна постројка во Европа.

„Оваа трагедија е уште еден пример на ужасната цена на војната за луѓето. Тоа мора да запре. Нападите врз цивилите и критичната цивилна инфраструктура мора да запрат“, порача Гутереш.

Тој побара одговорност и почитување на меѓународното хуманитарно право.

Браната „Каховка“ беше урната вчера наутро.

Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за уривањето на браната која со вода ги снабдуваше електраната „Запорожје“ и Крим, кој Русија го анектира во 2014 година.

Украина и Русија побараа итен состанок на Советот за безбедност на ОН.