Човековите права се изложени на напади од сите страни, предупреди денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повикувајќи на „нов замав“ во светот што „назадува“.
Отворајќи ја 52-та седница на Советот за човекови права во Женева, Гутереш се осврна на војната во Украина.
„Руската инвазија на Украина го покрена најголемото кршење на човековите права денес“, рече Гутереш.
Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк го критикуваше враќањето на „стариот авторитаризам“ и „деструктивните воени агресии, кои потекнуваат од минатото и имаат глобални последици, како што може повторно да се констатира во Европа со безумната руска инвазија на Украина“.
Седницата почна со едноминутно молчење за жртвите од земјотресите во Турција и Сирија.
Советот за човекови права никогаш не заседавал толку долго – речиси шест недели, што е знак за неговата важност во момент кога се одбележува 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права.
Сепак, некои земји кои не се познати по почитување на човековите права сметаат дека тоа е доказ за големото мешање на ОН во внатрешните работи.
Генералниот секретар на ОН ја бранеше Универзалната декларација која е „напаѓана од сите страни“ и ги критикуваше владите кои ја „поткопуваат“.
„Назадувавме“, рече Гутереш, повикувајќи да се даде „нов замав“ на човековите права, кои се решение за многу проблеми во светот, како што се климатската криза и злоупотребата на новите технологии.
Речиси 150 високи претставници, вклучително и министрите за надворешни работи на Франција, Иран и Кина, учествуваат на делот на состанокот на високо ниво што ќе трае до четврток. Во текот на денот преку видео врска ќе им се обрати американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Во Женева в четврток се очекува пристигнувањето на рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.