Давидовски jа стартуваше шестата сезона на Европското ТЦР првенство

 – Со настап на патеката Алгарве во близина на португалскиот град Портимао, македонскиот автомобилист Виктор Давидовски изминатиот викенд ја стартуваше својата шеста сезона Европското ТЦР првенство (TCR Europe), во рамки на кое годинава воведните три трки се возат заедно со ТЦР Светската серија (TCR World Tour).

На првиот гран при викенд од 2023 година, Давидовски го освои петтото место во првата трка, додека во втората трка, откако го престигне Фелипе Фернандез во дуелот за третото место, беше истуркан од патеката од ривалот, кој за таквиот потег заработи казна од стјуардите.

– И во првата трка бев удрен од Андерсен, и во втората го доживеав истото од Фернандез, по што немам што да кажам освен дека сум разочаран од покажаното ниво на ферплеј. Првенствено, тој неспортски помина неколку ривали возејќи надвор од лимитот на патеката, а потоа ме удри и додека го престигнував, и во следниот свиок кога веќе беше зад мене. Неговите постапки зборуваат за неговото ниво, но штетата ми е веќе направена“, изјави Давидовски.

Тој упати благодарност до неговиот тим и најави дека е подготвен за следните предизвици.

– Првенствено, сакам да му се заблагодарам на тимот „Comtoyou Racing“ бидејќи имавме одличен автомобил за отворањето на сезоната. Следната трка е веќе за две седмици во Франција и таму квалификациите ќе бидат со уште поголемо значење. За мене тоа ќе биде прва трка во По, при што повторно ќе возиме заедно со другите пилоти од Светската серија на ТЦР и конкуренцијата повторно ќе биде фантастична. Целата своја енергија ќе ја насочам за што е можно подобро да се подготвам за следната трка, посочи македонскиот автомобилист.

Календарот на ТЦР Европа брои седум гран при викенди, а трките на уличната патека во По се закажани на 13 и 14 мај, повторно заедно со елитата од ТЦР Светската серија.

Давидовски минатата година ги постигна своите најголеми успеси, победувајќи во трката на патеката „Пол Рикар“, а потоа и со освојување на второто место во Светскиот ТЦР куп што се возеше во Џеда, Саудиска Арабија.