– Децата треба да спијат во креветот на нивната мајка барем до тригодишна возраст, гласи советот на педијатарот Нилс Бергман од Универзитетот на Кејп Таун во Јужна Африка. Има и аргументи против.
Според професорот, бебињата од два дена кои се сместени во креветчиња спијат полошо од оние кои дремат на градите на својата мајка. Нивните срца, имено, се под поголем стрес, според новите истражувања. Тие опфатиле 16 бебиња кои биле проучувани додека спиеле на градите на својата мајка и во креветчето до нејзиниот кревет. Резултатите покажале дека срцето на бебето било под тројно поголем стрес кога спиело само отколку во близина на мајка сѝ.
– Кога спијат одвоено, мајката и детето потешко се поврзуваат, а тоа исто така му штети на развојот на мозокот и доведува до проблематично однесување додека детето расте, објаснува Бергман, кој е специјалист за перинатална неврологија и познат застапник моќта на допирот мајка – дете. – За оптимален развој, детето треба да спие во ист кревет со мајка сѝ до три, па дури и до четири години.
Професорот Џорџ Хејкок од Фондацијата за проучување на смртноста кај доенчињата, не се сложува со тоа.
– Нашиот став како фондација е дека ѝ должиме на јавноста да препорачаме дека најбезбедното место за спиење на детето е во сопственото креветче во собата на родителите, вели тој.
Од друга страна, британската добротворна Национална организација за раѓање и доверба (National Childbirth Trust) допушта родителот и детето да спијат заедно, но само доколку родителите не пушат, не пијат, не користат дрога, не се дебели, болни или претерано уморни. И тие тврдат дека најбезбедно е детето да спие само в креветче, но сепак во соба со родителите.